Кои институции се задолжени за справување со трговијата со луѓе во Македонија?
На национално ниво во 2001 година, беше поставена Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција (НК) со задача да ја координира работата на сите институции вклучени во процесот на превенција, заштита и истрага на трговијата со луѓе. На чело на оваа комисија стои национален координатор.
Во рамките на НК во 2003 година се оформи Секретаријат – тело одговорно за прифаќање и имплементација на одлуките на Националната комисија кое вклучува претставници на меѓународни организации, невладини организации, амбасади и владини тела.
Дел од НК е и подгрупа за деца – жртви на трговија, формирана во 2003 година, со цел, да се приспособи работата на комисијата кон потребите на оваа чувствителна категорија жртви, и да се стави посебен акцент на превенцијата на трговија со деца и подобрување на заштитата на малолетните жртви.
Понатаму, во 2009 година беше воспоставено ново тело Национален известувач, чија примарна улога е надгледување на целокупните активности за борбата против трговија со луѓе. Ова тело како што беше предвидено во Националниот акциски план е одговорно за собирање и анализа на податоци (квалитативни и квантитативни информации) за пошироки теми поврзани со трговијата со луѓе во контекст на превенција, заштита и кривично гонење. Воедно, една од улогите на оваа функција ќе биде и следење и мониторирање на имплементацијата на стандардните оперативни процедури.
Националниот механизам за упатување (НМУ) функционира во рамките на Секторот за еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика (МТСП) од 2005 година, со цел, да обезбеди идентификација, помош и заштита на жртвите на трговија, независно дали се работи за малолетно или возрасно лице.
Примарна цел на оваа канцеларија е да ја координира работата на 58 професионалци (социјални работници) од 27 центри за социјална работа (ЦСР) низ Македонија и да соработува со сите служби вклучени во процесот на заштита на жртвите.
Дополнително РМ е дел од Транснационалниот механизам за упатување (ТРМУ) којшто го поврзува целиот процес на упатување од првична идентификација до враќање и помош во земјите на транзит, земји на дестинација и земји на потекло, вклучувајки соработка помеѓу различни владини институции и невладини организации.
НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА, ПРОГРАМА И ПРОЦЕДУРИ
Дали постојат стратегии и програми во Македонија?
Македонската влада неодамна усвои Национална стратегија и Акциски план за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција како и Акцискиот план за борба против трговијата со деца во Република Македонија за периодот 2009-2012 година (НАП).
Стратегијата ги одредува стратешките приоритети за борба против трговијата со луѓе, дефинира задачи на одговорните институции, ги усогласува меѓуинституционалните активности како на локално така и на регионално ниво, обезбедува подобрување на квалитетот на услугите наменети за жртвите, интензивира истрага, кривично гонење и осудување на сторителите.
Акцискиот план има за цел да планира координирани активности на сите засегнати страни и актери но, исто така, да обезбеди широка политичка и финансиска поддршка за имплементација на активностите предвидени со планот. Во дополнување на овој документ е изготвен и Акциски план за борба против трговија со деца. Документот е јасен и воспоставува јасни цели со реални временски рамки.
Во првите месеци од 2008 година, Владата ги усвои Стандардните оперативни процедури за постапување со жртвите на трговија со луѓе (СОП) кои имаат за цел да обезбедат поддршка и заштита на сите жртви на трговија со луѓе преку еден опширен чекор по чекор пристап кој се заснова на човековите права. Воедно СОП предвидуваат институционализирана рамка за соработка која во фокусот ќе ги има жртвите на трговија со луѓе (ТЛ). СОП вклучува преземање на специфични мерки во следниве области: Идентификација и упатување, Непосредна грижа и помош, Враќање, Реинтеграција и Кривична постапка.
Документи за идентификација и заштита на жртви на трговија со луѓе
– Индикатори за идентификација на жртви на трговија со луѓе
– Програма за помош и поддршка при реинтеграција на жртви на трговија со луѓе
– Програма за помош и поддршка при реинтеграција на деца жртви на трговија со луѓе
– Стандардни оперативни процедури за постапување со жртви на трговија со луѓе