ПРИЧИНИ ЗА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ
Постојат голем број причини за појава на трговијата со луѓе. Најчесто, тие се одредени од бројни политички, економски, социјални и културни фактори.
Трговијата со луѓе функционира на принципот понуда и побарувачка.
Од една страна, во земјите на потекло постојат поттикнувачки фактори (невработеноста, сиромаштијата, социјалната исклученост, ситуации на воени конфликти и угнетување, недостаток на политичката, социјалната и економската стабилност, семејното насилство, половата дискриминација, недостаток на пристап до образование и информации итн.) коишто влијаат на луѓето да мигрираат во некој друг град или држава во потрага по подобар живот или, едноставно, во борбата за опстанок.
Од друга страна, во развиените и богати земји, односно земји на дестинација, пак, постои голема побарувачка за евтини производи, евтина работна сила и евтини услуги (повлекувачки фактори). Организираните криминални групи си нашле свој интерес и можност за остварување на огромна заработка со поврзување на понудата и побарувачката.
Сите овие причини прдонесуваат до зголемување на (желбата за) миграцијата, меѓутоа, во услови на ограничени можности за легална миграција поради бројните репресивни политики, луѓето користат разни криумчарски канали и посредници изложувајќи се на измама, насилство, злоупотреба и експлоатација.
Воедно, постојат и таканаречени „универзални фактори“ коишто, исто така, имаат свој удел во развојот на трговијата со луѓе.
Отсуство на информации за трговијата со луѓе како и вистинити информации за можностите во странство, корупција на владините претставници во земјите на потекло, транзит и дестинација одговорни за борба против трговија со луѓе, непостоење на инкриминација на трговијата со луѓе во одредени земји, или, пак, несоодветна казнена политика за сторителите, строгите визни и имиграциони режими, како и несоодветните капацитети на лицата коишто се задолжени да го спроведуваат законот и да ги контролираат границите доведуваат до олеснување на дејствувањето на трговијата со луѓе и зголемување на ранливоста кај населението.
ПОСЛЕДИЦИ
Трговијата има сериозни негативни последици врз физичкото и психичкото здравје на жртвата. Колку подолго жртвите остануваат под контрола на трговците, потешки и подолготрајни се последиците од нивната траума.
Жртвите во процесот на трговијата со луѓе биле злоупотребувани и експлоатирани во специфични услови што може да резултира со краткорочни и долгорочни, полесни или потешки, психички и физички повреди, болести и инфекции, особено полово преносливи или ХИВ-вирус, а понекогаш тоа оди дотаму што резултира дури и со инвалидитет и смрт. Симптомите како анксиозност, депресија, отуѓеност, дезориентација, агресија и тешкотии со концентрацијата се директна последица од дологорочни и повторувачки трауматски искуства што ги искусиле жртвите на трговија со луѓе.
Студиите укажуваат на тоа дека повредите и траумите стекнати во процесот на трговијата со луѓе можат да се присутни и долго по излегувањето на лицето од ситуацијата на експлоатација, особено ако не е обезбедена соодветна поддршка и советување.
Рехабилитацијата и реинтеграцијата на жртвите од трговијата со луѓе е долгорочен и комплексен процес кој со сигурност не може да гарантира успех. Дури и кога физички проблемите можат да се решат а стигмата да се надмине, траумата и психолошката штета го отежнуваат целиот процес на заздравување кој и онака е дополнително отежнат од проблемите со достапноста на услугите. Некои жртви не можат да се приспособат на начинот на живот што претходно го сметале за „нормален“.
Правата на жртвите често продолжуваат да се прекршуваат дури и откако истите ќе излезат од ситуација на експлоатација и трговија, односно во многу случаи тие се соочуваат со повторна виктимизација. Имено, во многу земји сè уште заштитата што им се обезбедува на тргуваните лица директно е условена од нивната соработка со властите. Меѓутоа, условната заштита стои во противречност со пристапот на човековите права, при што на жртвите на експлоатацијата им гарантира безусловна поддршка и почитување на нивните права и се спротивставува на употребата на тргуваните лица само како на инструменти во кривичната постапка.