Како се случува?
Првата алка во процесот на трговија со луѓе е фазата на регрутација. Злоупотребувајќи ја невиноста и наивноста на младите луѓе кои сакаат да ја подобрат својата иднина, да имаат авантуристички и возбудлив живот, да видат нови места и да запознаат нови култури, трговците секојдневно регрутираат нови лица во трговијата со луѓе. Регрутирањето (вовлекувањето) во трговијата со луѓе се врши преку користење на различни методи како, на пример: лажни привлечни понуди за работа, лажни аранжмани за патување, склучување на лажни бракови па сè до продавање на жртвата од страна на родителите/старателите, пријатели, познаници или непознати лица.
Следната алка во процесот на трговија со луѓе е фаза на пренесување на жртвите од еден град во друг или од една држава во друга. Најчесто причина за тоа е што пренесувањето на жртвите од местото на потекло во друго место им овозможува на трговците оттргнување на жртвата од нивната основна средина и познато опкружување и придонесува за поголема контрола врз нив.
Сите претходно преземени дејства од страна на трговците водат кон последната алка во процесот и имаат една единствена цел, а тоа е експлоатација. Експлоатацијата најчесто започнува да се извршува во местото на дестинација и овозможува остварување на најголемиот мотив на трговците – стекнување на економски профит. Целта на трговците е остварување на профит преку експлоатација на други лица којашто може да се извршува на различни начини; сексуална експлоатација, трудова експлоатација , принудно питачење, принуда за извршување кривични дела, илегално посвојување, принудни бракови, трговија со органи или некој друг облик.
Со цел обезбедувањето на покорност, послушност и контрола врз жртвата трговците користат насилство (психичко, физичко и сексуално) уцени и заплашувања, закани (како по нејзиниот живот така и по животите на нејзиното потесно семејство), одземање на личните документи, изолација од средината, контролирање на движењето како и создавање на зависност преку користење на дрога и алкохол.
Најчест начин на контрола на жртвите е таканареченото должничко ропство. На жртвата и се укажува дека од страна на трговецот била исплатена одредена сума пари за патувањето во местото на дестинација, сума којашто се зголемила поради каматата и трошоците коишто секојдневно се трошат за нејзиното живеење. Жртвата постојано се држи во уверување дека штом се исплати износот може да си ја поврати слободата.